Преку антикризните мерки Владата обезбедува поддршка за компаниите во насока на одржување на нивната ликвидност рече премиерот Димитар Ковачевски при посетата на фабриката „Подгорка“ во Струга потенцирајќи дека во текот на оваа година обезбеден е пакет од 760 милиони евра поддршка за најранливите категории на граѓани, но и поддршка за компаниите.

Субвенционираме 80% од цената на електричната енергија за граѓаните и за малите компании кои вработуваат 98% од работниците во државата, што значи без субвенцијата сметките би биле пет пати поголеми од тие што ги плаќаат граѓаните. Со последните мерки за обезбедување на електрична енергија обезбедуваме многукратко поевтина електрична енергија за компаниите кои произведуваат основни прехрамбени производи и со тоа очекуваме намалување на десет проценти на цените на основните прехранбени производи, рече Ковачевски.

Истакна дека „Подгорка“ е компанија направена по сите стандарди и резултат на знаењето на сите наши граѓани кои работат тука во државата и секако на поддршката и од Владата и од европските фондови.

Во услови на три годишна криза фабриката успешно се развира, расте и инвестира. Тоа е затоа што има добро менаџирање, но и визија и развој, а секако со поддршка и услови обезбедени од државата нема да има за нив недостижни цели. Имаат започнато со десет а сега работат 60 лица. Работат на домашниот пазар и веќе ги отвораат пазарите во регионот и сум сигурен дека во блиска иднина ќе започнат да извезуваат и во европските држави. Ова е духот на посветеноста која на сите нас ни е потребна и која сите наши граѓани треба да ја видат, дека ние можеме да изградиме фабрики со врвни светски квалитети и стандарди. Како Влада обезбедуваме услови за работа на компаниите, ги поддржуваме и тоа ни е на нас обврска. Но, за да има напредок мора и напорно да се работи, додаде Ковачевски.

„Подгорка“ има основна дејност во месната индустрија, но, во време на една од најтешките енергетски кризи успеа да ги намали производствените трошоци токму на визијата на сопствениците и на инсталирањето на фотонапонска централа со која задоволуваат 60% од потребите за електрична енергија, рече Ковачевски.

Тоа е една од најисплатливите инвестиции кои ја имаат направено, а за која се обезбедени средства од ИПАРД 2 Програмата преку Министерството за земјоделие. Преку истата програма е кофинансиран и овој објект и имаат план во најскоро време за уште една фотоволтаична централа со капацитет од околу 1,5 мегавати, со што не само што ќе се намалат нивните производствени трошоци, туку и ќе ја зголеми ел. енергија која ќе може да се користи и од другите во овој регион. Антикризните мерки не изоставија никого, ќе го сочуваме стандардот на секој граѓанин и ќе ги задржиме компаниите ликвидни, заклучи Ковачевски.

Директорот на фабриката Мевмед Џемаилоски ја поздрави одлуката за субвенционирање на елекричната енергија, потенцирајќи дека станува збор за сериозен проблем за функционирањето на производителите.

Благодарност за одлуките кои се носат меѓу нив и последната за субвенционирање на електричната енергија што е сериозен проблем во делот на функционирањето на голем дел на производители на прехрамбени производи како и кај нас и кај сите останати производители во државата. Ги охрабрувам и претседателот на Владата и министрите навистина да носат вакви похрабри одлуки и во иднина да бидат поприсутни на терен, поприсутни во стопанските објекти коишто се основа за функционирање на целата држава бидејќи тие го полнат буџетот на државата. Ако работиме во тој правец мислам дека нашата држава може успешно да се справи со сите тие предизвици коишто се не по наша вина, но објективно ги чувствуваме многу, додаде Џемаилоски.

Ковачевски претходно во Струга ја посети и црквата „Св. Ѓорѓи“ еден од најстарите христијански верски објекти во градот, кој датира од средината на 13 век.

Оваа црква е едно од најстарите духовни светилишта на Балканот и во Европа, со специфична архитектура, импресивен резбан иконостас изработен во духот на најубавите дела на мијачката копаничарска традиција, дом на една од најубавите и најстарите икони во светот „Св. Ѓорѓи“ заштитникот на Струга, центар на општествениот и верски живот на стружани. Ние сме богата земја на многу начини, исклучително е важно да се негува традицијата и културното наследство кое го имаме, потенцираше Ковачевски.

Н.С.Ј.