Од почетокот на епидемијата предизвикана од коронавирусот SARS Cov 2, познат како Ковид 19, во Охрид се заразиле 1255 лица, кои официјално ги евидентирал здравствениот систем, а во моментов активни се 536 случаи. Бројот на хоспитализирани во градот надмина 100, а речиси половината се со потешки симптоми.
Во моментов во Општата болница во Охрид хоспитализирани се 104 пациенти, од кои 40 се на кислородна поддршка. Загрижува тоа што меѓу болните голем број се млади, без други заболувања претходно, кај кои болеста се манифестира во најлоша можна форма. Едноставно коронавирусот е како бура која за само неколку часа носи човечки животи. – вели во изјава за OhridNews директорот на охридсаката болница Д-р Горан Балевски.

И покрај тоа сите оддели во болницата работат без застој. – додава Д-р Балевски.

Ваков удар нашето здравство немало никогаш до сега. Состојбата е исклучително тешка и комплексна. Здравствениот систем е сериозно оптоварен и затоа апелирам до граѓаните да бидат крајно внимателни и да ги почитуваат мерките на заштита, со што ќе се заштитат себеси, а на тој начин ќе ни помогнат и нам. – истакна Д-р Балевски.

Само вчера во Охрид беа регистрирани 57 нови случаи на Ковид 19.
Г. Момироски











