Продолжува трендот на опаѓање на бројките на новозаболени и активни случаи на Ковид-19. Надлежните остануваат на ставот дека сега се наоѓаме во безбедна зона, но дека треба да бидеме подготвени за евентуален нов бран во текот на есента.

Сега се наоѓаме во многу помирен дел од пандемијата, но од есен ќе се прават подготовки за евентуален нов бран, порача синоќа претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски.

Тој напомена дека во моментов голем дел од европските земји имаат високи бројки на новооткриени случаи, но дека оптоварувањето на нивните здравствени системи е мало и затоа со поголема леснотија прибегнуваат кон олабавување на мерките.

Истото се случува и кај нас, со тоа што благодарение на големиот број прележани луѓе, ние имаме малку посвеж имунитет од оној што западните земји го создаваа со вакцини со месеци наназад. Затоа кај нас паралелно со намалувањето на оптеретувањето на здравствениот систем, се намалуваат и бројките, рече Петличковски.

Подготовката за нов бран значи зајакнување на капацитетите за тестирање, преговарање за обезбедување лекови кои во рана фаза на болеста многу помагаат за критичните болни и организација на сместувачките капацитети.

Здравствените власти не се откажуваат ниту од вакцинацијата. Според Петличковски, вакцинацијата е единствениот излез доколку се појави нов есенски бран.

OhridNews