За прашањето за името на Македонија треба да се разговара по изборите во нашата земја на 11 декември, смета грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас, во интервју за весникот „Катимерини“, дадено за време на престојот во Њујорк на Генералното собрание на ОН.
„Претпоставувам дека по завршувањето на изборите на 11 декември, од многу страни ќе има поттикнувања за решавање на спорот за името. По изборите, ова прашање треба да биде предмет на консултации меѓу двете министерства за надворешни работи, а не да го оставаме на трети страни. И, се разбира, со помош на медијаторот Метју Нимиц“, изјави Коѕиас.
На прашањето дали мерките за градење доверба ги приближија двете земји до решение за името, тој одговара со „ќе видиме“.
„Но, треба да се знае дека мерките за градење доверба помогнаа многу за да се смени сликата за Грција во Скопје, дека ние сакаме да ја растуриме оваа држава. Ние сакаме државата да опстои и затоа и ставивме вето кога Европската унија расправаше за воведување санкции против неа“, вели Коѕиас за „Катимерини“.
Проблемот, според него, е што „кумот на државата“ направил грешка во врска со името.
Во Њујорк, на маргините на Генералното собрание на ОН, Коѕиас се сретна со македонскиот министер Никола Попоски, со кого разговарале и за името и за мерките за гадење доверба меѓу двете земји.
OhridNews
извор Макфакс