Домовите на охриѓани во последниот период  се честа мета на крадци, кои поединечно или во групи „оперираат“ во Охрид. Само во текот на изминатиот месец Охридската полиција евидентирала 30 тешки кражби и 16 кражби кои биле извршени во станови и куќи.

За разлика од порано кога најчесто се ограбуваа станбените простории во кои никој не живее, најголемиот дел од последните кражби биле извршени во станови и куќи кои се евидентирани како постојани живеалишта. Освен пари, крадците одземаат, златен накит, часовници, мобилни телефони, лаптоп компјутери и слични вредни работи, кои подоцна ги продаваат на црниот пазар.

Жителите кои живеат во охридските станбени згради, велат дека кражбите кои се случуваат во градот им создаваат непријатност.

-Само во текот на изминатите две недели разбравме дека во нашата населба се случени најмалку 5 кражби и тоа на станови кои имале сигурносни врати. Најголемиот дел од становите каде што влегле крадци се наоѓаат во влезови каде што има поголем број на викенд станови, па постоела помала веројатност некој да ги забележи овие натрапници. Исто така интересно е тоа што дел од кражбите биле извршени напладне, кога сопствениците биле на работа, велат жителите на комплексот згради во населбата „Христо Узунов“.

Од СВР Охрид информираат дека полициските служби интензивно работат на пронаоѓање на сторителите на овие кривични дела, а речиси половина од кражбите веќе биле расветлени.

Посветеноста на инспекторите во реализација на кривичните дела кражби е максимална. Во текот на месец октомври поднесовме кривична пријава против С.А кој со употреба на подесен алат кршел брави на влезни врати и балконски врати на станови и куќи, одземал пари, златен накит и мобилни телефони и се стекнал со противправна имотна корист од 97.000 денари. Освен во Охрид тој има извршено и кражби во неколку охридски села и приградски населби, вели Стефан Димоски, потпарол на СВР Охрид.

Тој објасни дека сите пронајдени крадци имале добро разработена шема на делување, а имало и такви кои се качувале преку балкони и прозорци.

-Откриен е и Б.Т (26) од Охрид кој во текот на октомври со помош на велосипедот се качувал на тераси. Користел можности да влегува во становите и куќите преку отворени балконски врати и прозорци, а употребувал и алат и физичка сила. Одземал пари, мобилни телефони, музички систем и други вредни предмети. Пред да ги врши кражбите тој вршел обиколка на градот со велосипедот и ги согледувал поволните местата каде што може да изврши кражба. Исто така СВР Охрид во текот на изминатиот месец поднесе кривична пријава и против Б.Ч (18) од Кичевско кој извршил неколку тешки кражби во Охрид, вели Димоски.

Тој се надева дека со помош на оперативните мерки кои во моментов ги презема полицијата, во текот на наредниот период ќе бидат расветлени и останатите кражби.

Димоски упати апел до граѓаните, дека за да се заштитат од кражби истите треба да водат поголема сметка за својот имот и за своите домови,  да не ги оставаат вратите и прозорците отворени подолго време или кога не се дома.

Е.М