Крадците на артефакти кои изминативе неколку години прават пустош во охридско – струшкиот регион, ја менуваат тактиката. Откако опљачкаа се што беше вредно од црквите во напуштените села, се свртеа кон вредното културно наследство во живите села. Дрско, без нималку почит влегуваат во сакралните објекти на празници, очекувајќи веројатно дека покрај икони и други артефакти ќе најдат и пари кои верниците ги оставаат вообичаено при посета на светилиштата.

Така беше деновиве во Лешани, охридско, каде непознат сторител во очи големиот празник Божик насилно упаднал во познатата манастирска црква Сите Светии, од каде е одземен вреден посребрен крст стар еден век. Незадоволен од пленот крадецот посегнал по скромниот промет од локалната продавница од каде одзел само 200 денари.

Слични кражби во кус период беа забележани во струшко Радожда каде крадците во два наврати ја ограбија локалната црква Св. Никола која се наоѓа во центарот на селото, од каде беа украдени 28 икони и вреден сребрен крст. Слично како и во Лешани кражбите во Радожда беа извршени пред и за време на празници.

Во изминатите три години само од црквите во струшко се украдени 70 икони. Но, кражби во сакралните објекти има и во градовите. Пред  неполна година крадци упаднаа во црквата Свети Ѓорѓија во строгиот центар на Струга, во која е сместено депото во кое се чуваат највредните артефакти од црквите во струшко. Вредни предмети исчезнаа и од црквите во Охрид. Во мај 2006-та од црквата Света Богородица Болничка  која датира од 14 век беа украдени и дел од моштите на Светите маченици  Кирик и Јулита.

Според информациите од Управата за заштита на културното наследство од земјава досега се однесени преку 20.000 вредни икони, артефакти и други исклучително значајни сакрални предмети.

Горан Момироски