Макетата на црква која верниците од охридското село Трпејца ја поставиле лани на крајбрежјето на Охридското Езеро, во непосредна близина на вилата „ИВИРЕ“, денес предизвика тензии во оваа туристичка населба. Жителите го обвинуваа сопственикот на сместувачко-угостителскиот  објект дека има намера да ја сруши црквата, па голем дел од нив собрани во толпа се спротиставиле на градежните активности и ја попречиле работата на  градежната механизација.

-Макетата на црквата која го носи името на Свети Јован Крстител е поставена на црковно земјиште, кое  е узурпирано од страна сопствениците на угостителскиот објект. Ова овде од секогаш  било свето и ваковско место за трпејчани, овде се крштевале деца и се фрла кртот за Водици. Сопствениците на  објектот узурпирале голем дел од црковната парцела и самоицијативно со луѓе и механизација насилно сакаа да го рушат параклисот и дел од работите што ги имавме ние направено тука, велат револираните трпејчани, кои денес се собраа на мирен протест пред црквата.

Тие потенцираа дека се собрале за да го искажат револтот и да докажат дека тоа место секогаш било нивно и му припаѓало на селото.


Еден од сопствениците на вилата „ИВИРЕ“, Ивица Петрески во телефонски разговор ни тврдеше дека немале намера да ја срушат макетата на црквата и дека немаат ништо против самиот црковен објект. Тој информираше дека градежната механизација која денес била на терен пред нивните објекти  имала за цел да ги отстрани дополнителните градби, со кои  поединци од селото започнале да го уредуваат просторот во непосредна близина на црквата и да узурпираат дел од неговиот имот.

-Навистина ми е жал што некои поединци од селото ја злоупотребуваат црквата и вештачки предизвикуваат тензија кај другите жители. Макетата  на црквата беше поставена лани по туристичката сезона и ние апсолутно немавме ништо против поставувањето на истата. Проблемот се јави оваа пролет кога, поединци започна градежни активности за оградување и хортикултурно уредување на просторот околу црквата, на наше место, со што ни го поречуваа движењето кон нашите објекти. Ние неколку пати се пожаливме  до членовите на црковниот одбор, но не наидовме на разбирање, вели Петрески.

Тој потенцираше дека поседуваат уреден имотен лист за  двата објекта кои се во нивна соственост  и дека земјиштето пред објектите, вкучувајќи го и крајбрежниот дел со плажата со пренесено право, го имаат земено на користење на 99 години.

Од Локалната самоуправа од Охрид велат дека во текот на денешниот ден, нивни инспектори воопшто не биле на терен во селото Трпејца.

До нас не беше стигнато ниту едно барање или жалба за да нашите градежни инспектори излезат на терен. Ние за состојбата која настанала таму буквално дознавме преку новинарите. Токму поради тоа не би можел да ве информирам за повеќе детали околу случајот односно за каков спор се работи и кој е во право во тој спор, вели Танас Танасоски, раководител на Комуналниот инспекторат при Општина Охрид.

Од СВР- Охрид потврдија дека нивни службеници биле на терен, но напоменуваат дека не биле евидентирани инциденти во селото. 

OhridNews