Реал Мадрид го совлада Манчестер јунајтед во Супер купот и стана апсолутен фудбалски владател на Европа. Во спектаклот што се одигра синоќа на арената „Филип II“ во Скопје кралскиот клуб ги совлада „црвените ѓаволи“ со 2:1. Стрелци на головите за Реал беа Касемиро и Иско, а за Манчестер Лукаку.

Манчестер амбициозно го отвори натпреварот со висок пресинг не дозволувајќи му на противникот да наметне своја игра. Но иницијативата која ја имаше Манчестер не вроди со плод. По десет минути игра на теренот завладеа екипата на Зинедин Зидан. Реал почна да го меле противникот, се редеа шанси пред одличниот Де Хеа чиј сојузник беше и пречката (по еднаш во секое полувреме). Сепак надмоќта Реал ја круниса со голот на Касемиро во 23 минута за водство од 1:0. Ниту паузата за рехидратација поради топлото време не донесе промени во играта на Манчестер кој делуваше загубено на теренот во поголемиот дел од првото полувреме кое заврши со минимална предност на Реал.

Влегувањето на Рашфорд на местото на Лингард во вториот дел, а подоцна и на Фелаини, значитлно ги промени работите на теренот. Но Реал беше тој кој повторно прв погоди во второто полувреме. Филигрански прецизната акција во шеснаесетникот на Манчестер лесно ја исфрли збунетата одбрана пред Де Хеа кој беше совладан од Иско, кој пак подоцна беше прогласен за играч на натпреварот. 

По голот Реал продолжи да доминира и да создава шанси. Најголемата нешто прeд втората пауза за рехидратација ја имаше Герет Беjл кој ја погоди пречката. И оттука мечот во целост се смени. Манчестер заигра значително подобро најавувајќи возбудлив финиш. Можеше да го има ако неговите напаѓачи беа поприсебни. Веднаш по примениот гол Лукаку промаши зицер од каде полесно беше да се погоди, но неговиот удар по одбиената топка од голманот Навас заврши на копот со навивавичите на црвените. Но Јунајтед не застана, притискаше, создаваше шанси. По еден удар на Матиќ Навас кусо ја одби топката, натрча Лукаку кој овојпат беше прецизен и го намали водството на Реал на 2:1. Манчестер продолжи да притиска, а најголемата прилика за израмнувае ја имаше Рашфорд кој малку од косо изби сам очи во очи со Навас кој успеа да одбрани. Зидан направи три измени, а во игра го уфрли и Роналдо во последните 15 минути кој добро нагази на топката. Неколкуте фаули врз него ги извадија од такт играчите на Манчестер кои до крајот на натпреварот не го најдоа патот до голот на Реал Мадрид, кој го освои трофрјот во Супер купот на УЕФА.

Жозе Мурињо и овој пат не го призна поразот. Во моментот на доделување на трофејот на Реал (негов поранешен клуб) тој отиде на веќе испразнетата трибина со навивачите на Манчестер на кои им го подари вицешампионскиот медал, сакајќи да покаже дека освен „златните“ другите одличја за него немаат вредност. Ги повика со себе и играчите на Манчестер кои наместо да им аплаудираат на противниците, пракса која е воспоставена во евро куповите последните години, им аплаудираа на навивачите.

Ваквиот гест не им сметаше на мадридистите кои го кренаа пехарот од Супер купот и ја прославија победата со своите навивачи.

На трибините  на арената „Филип II“ атмосферата беше одлична, без инциденти. Расположените навивачи со песна ги бодреа нивните миленици, а на почетокот од мечот имаа и мал навивачки натпревар кој дополнително ја загреа атмосферата.

Супер купот на Европа е најголемиот настан организиран во фудбалската историја на Макдонија. Мечот го пренесуваа на 200 земји, што овој спортски спектакл го прави најдобра реклама за Македонија било кога направена. Сепак организаторот имаше сериозни проблеми навреме да ги заврши безбедносните контроли што создаде нервоза кај навивачите кои долго чекаа во редови пред влезовите на арената каде чаша вода се продаваше за 150 денари а пивото чинеше 250. Мали проблеми имаше и со тревникот кој сепак го издража „притисокот“ на фудбалските ѕвезди.

Натпреварор Реал – Манчестер е најава за новата сезона на фудбалски возбудувања на стариот континент каде националните првенства во најсилните лиги започнуваат овој месец. За Македонија ова беше голем спортски ден. Со сите мани и пропусти земјата се потруди да се прикаже во добро светло. Но останува отворено прашањето дали најдобро го искористивме моментот кој во Скопје донесе големи фудбалски имиња. Но, набиените цени на сместувањето и на угостителските услуги покажаа дека се уште сме далеку од Европа и европските вредности. Со цена на соба од 1000 евра и угостителски услугите неколкукратно повисоки од вообичаено не се стигнува во Европа. Aма секое лошо за арно, можеби ќе извлечеме некаква поука од сето ова. За жал повторно ќе треба да учиме од сопствените грешки, бидејќи упорно не сакаме да погледнеме малку пошироко и подалеку од ситниот интерес. Европа е уште далеку, за да ја стигнеме треба да повториме уште лекции како синоќешниот Супер куп.

Г.М.