По неколкумесечна истрага, синоќа службите на МВР извршија акции за сузбивање на организирана криминална група од Неготино, која преку правни субјекти во нивно владение вршела злоупотреби преку неисполнување на обврските од склучените договори за јавни набавки, транспорт и испорака на нафта за греење на набавувачите кои најчесто биле државни органи, институции, единици на локална самоупорава и органи во нивна надлежност (детски градинки, училишта, здравстевни домови и сл.) во повеќе градови во Р.Македонија.

Имено, оваа криминална група преку друштвото „Алма – Комерц“ ДООЕЛ Неготино (сопственост на еден од осомничените) учествувале и добивале тендери за снабдување со нафта за греење кои ги распишувале буџетските корисници, преку понудување на најниска цена која немала никаква економска оправданост. Ваквите ниски цени на тендерите биле нудени со однапред смислен план и намера да не бидат исполнети обврските од Договорите за јавни набавки на нафта за греење, односно дел од од нафтените производи да не бидат испорачани, но да бидат наплатени од купувачите.

Од  досега превземените мерки и активности и извршени првични  проверки, утврдена е штета на Буџетот на РМ во износ од десетици илјади евра, но во периодот кој следи ќе се изврши дополнителна проверка на сите реализирани набавки, како и на инволвираноста на одговорни лица во институциите.

Мерките и активностите на надлежните служби ќе продолжат и во наредните денови и се очекува да биде пронајдена документација со која ќе бидат обезбедени докази за криминални активности со кои на Буџетот на РМ е причинета многу поголема материјална штета.

Во текот на денот по целосно документирање на случајот до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција против сите членови на криминалната група ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење на основано сомнение дека ги сториле кривичните дела „Злосторничко здружување“, „Употреба на исправа со невистинита содржина“, „Злоупотреба на службена положба и овластување“, како и кривично дело „Помагање“.

OhridNews