Усвоениот Буџет на општина Струга за 2014 година по ништо не се разликува од начинот на кој се планираа приходите и расходите на општина Струга во претходните четири години за време на мандатот на претходниот градоначалник, смета невладиното здружение за културен активизам „Аква“.
Според ова здружение во подготовката на буџетот поголемо влијание имаат старо-новата општинска администрација и партиите отколку потребите на граѓаните.
-Повторно има преценување за степенот на остварување на приходите од над 100.000.000 ден (сто милиони денари) со што се креира нереална перцепција дека во буџетот има пари за предвидените расходи. На крај, овој начин на планирање на приходите води кон ребаланс на буџетот и прекумерно трошење во едни ставки и намалување на трошењето во други ставки.- критикува „Аква“.
Според „Аква“ буџетот за 2014 година не е развоен, ниту социјален – туку за плати и услуги.
-Расходите за плати за општинската администрација и вработените во образованието зафаќаат се поголем дел од буџетот на општината и се во постојан пораст. Во 2008 година биле 408 милиони денари, во 2011 година биле 435 милиони денари додека за 2014 година за плати се предвидени 464 милиони денари, што е 55% од вкупниот буџет на општината. Поради слабата реализација на буџетот при поднесување на завршната сметка на општината, платите достигнуваат до 68% од буџетот. Кога ќе се земат во предвид нискиот степен на реализација на буџетот и процентот кој се одвојува за плати повеќе од јасно е дека ставките во кои што ќе има кратење се оние за капитални расходи и развој.-посочуваат од „Аква“.
OhridNews