
Началникот на Комуналната инспекција, Танас Танасоски, изјави дека истрагата за еколошкиот инцидент што се случи вчера кога во водите на Охридското Езеро преку канализационата мрежа се излеа поголема количина нафта е во тек и дека се уште не се знае кој е предизвикувачот на загадувањето.

Тој посочи дека согласно законот, за загадување на заштитени подрачја сторителот може да заработи и казна затвор. Танасоски потсети дека сличен еколошки инцидент се случил пред 30 години кога поради хаварија во фабриката „Отекс“ дошло до излевање на мазут.

Јужниот ветер и брановите во текот на ноќта го исчистија езерото, а последиците од еколошкиот инцидент за кој сведочат масните дамки на плочникот од кејот и непријатната миризба допрва ќе се утврдуваат.











