Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Насилство“, полициската станица од Струга, поднесе кривична пријава против вкупно единаесет лица, сите од струшкото село Велешта.

Кривичната пријава е поднесена против А.Х.(19), Ф.М.(20), Б.Ќ.(20) како и против малолетниците А.Ќ.(17) Ш.С.(18) В.Р.(18) Г.Т.(18) А.К.(18) Г.К.(18) Б.К.(18) и Ш.С.(18), ученици во средно училиште во Струга.

Оваа група, на 4-ти овој месец поттикната од настаните во Скопје, изврши каменување на автобус на компанијата „Сприја“ што сообраќал на релацијата Струга-Вевчани. Притоа, со телесни повреди се здоби една патничка од Вевчани која по извршените лекарски интервенции во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид, беше пуштена на домашно лекување.

Мотивирани од насилните случувања, инцидентите и физичките пресметки  во Скопје, единаесетчлената група околу 20 часот се сретнала во центарот на Велешта каде одлучиле да го нападнат и каменуваат автобусот. Потоа се упатиле кон месноста Суво поле во непосредна близина на магистралниот пат Струга-Дебар.

Тука го сочекале автобусот по што започнале да фрлаат со камења, бекатон плочки и со други тврди предмети оштетувајќи ги предните и страничните стакла како и автобуската каросерија. По извршениот напад и каменување, групата се разбегала низ селото, а дел од учесниците продолжиле да се забавуваат во интернет клубовите. 

Како што информираат од СВР, полициските службеници од Струга и Велешта за кратко време ги идентификувале сторителите. Со нив биле извршени разговори во присуство на претставник на центарот за социјални работи и адвокат за малолетници.

OhridNews