СВР Охрид поднесе кривична пријава против поранешниот директор на ЈП „Охридски комуналец“ за сторено кривично дело – “злоупотреба на службена положба и овластувања“, како и против правно лице, фирма од Струга и одговорното лице за сторено кривично дело – “ злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно приватно партнерство“.

Првопријавениот во својство на овластено службено лице,в.д. директор на ЈП “Охридски комуналец“ во периодот од ноември до декември 2010 година, пречекорувајќи ги и искористувајќи ги своите овластувања без да објави јавен повик, согласно Законот за јавни набавки, противправно ја ангажирал фирмата од Струга да изврши работи и да вгради материјали при реновирање на објектите на ЈП “Градски гробишта“ , во вкупна вредност од 851.325 денари и за истата цел наместо да плати ЈП “Градски гробишта“, сумата ја платило ЈП “Охридски комуналец“.Како што стои во информацијата од МВР, за да го прикрие противправниот начин на работење, првопријавениот подоцна, откако струшката фирма завршила со изведување на работите и вградување на материјалите, фиктивно побарал спроведување на три тендерски постапки без објавување на оглас. Формираната тендерска комисија од страна на екс директорот потоа формално ги спровела постапките за веќе завршени работи. На тој начин пријавениот и овозможил на струшката фирма противправно да се стекне со корист во вкупен износ од 851.325 денари.

Поранешниот директор на ЈП „Охридски комуналец“ во целост ги отфрла наводите во кривичната пријава и очекува тоа да го сторат и судските органи.

Ова е уште една во низата неосновани и измислени кривични пријави против мене. Верувам во институциите на системот и очекувам обвинителството да ја отфрли пријавата , а доколку тоа не биде направено низ судска постапка ќе докажам дека наводите во пријавата се неиздржани, вели екс директорот на јавното претпријатие.

OhridNews