Поради постоење на основано сомнение за сторено казнено дело “Злоупотреба на службена положба и овластување“, СВР Охрид поднесе кривична пријава против 43- годишно лице од Охрид.

Пријавениот, во периодот од 2009 до 2011 година, во својство на одговорно лице-вд.директор на Јавното претпријатие „Охридски комуналец“, овозможил да се спроведе противправна постапка за престанок на потреба од четиринаесет работници  прогласувајќи ги како технолошки вишок заради економски, организациони, технолошки и структурални промени на претпријатието. Тоа го направил без донесена соодветна програма, услови и критериуми кои морале да бидат предвидени согласно Статутот на Јавното претпријатие  и Колективниот договор за комунални дејности на Република Македонија.

Со ваквите дејствија на извршување, пријавениот на четиринаесет работници им доделил  средства во вкупен износ од 8.896.778 денари или 146.126 евра од кои, до октомври 2013 година им бил исплатен  вкупен износ од 3.885.830 денари или 63.185 евра. По потпишувањето на договорите од страна на пријавениот,  преостанати за исплата биле средства во износ од 5.100.948 ден или 82.942 евра.

– Пријавениот, иако знаел за финансиските потешкотии, со искористување на службената положба и овластување, ги навел членовите на управниот одбор  да  донесат   одлуки  крајно штетни за претпријатието,  а потоа лично потпишал писмени договори. Со тоа, им овозможил на четиринаесет работници покрај со законски утврдените три испратнини, согласно Законот за работни односи и правата на паричен надоместок до ново вработување или пензионирање преку Агенцијата за вработување на Република Македонија, согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, да се стекнат противправно и со имотна корист од  надоместок од 60 идни плати   на товар на претпријатието,  а како разлика од надоместокот кој ќе им се исплаќа на товар на  Агенцијата за вработување  како технолошки вишок и платата која ја остварувале додека работеле кај овај работодавец, како и исплата на  еднократен надомест од по 8.000 ден по работник на денот на престанок на работниот однос, информираат од СВР Охрид.

OhridNews