Како што информираат од СВР- Охрид, пријавениот, вчера, околу 14 часот, пред зградата на локалната самоуправа во Струга, го запалил државното знаме на Република Македонија, кое претходно го купил од книжара во струшката чаршија. По палењето на знамето, лицето веднаш избегало од местото на настанот.
Од страна на полициските службеници, преземени биле неопходни оперативни мерки кои резултираа со идентификација на лицето, по што истиот бил пронајден во неговиот дом во селото Шум. M.I. веднаш бил приведен и задржан во полициска станица.
Врз пријавениот М.И. кој бил видно под дејство на алкохол, во текот на вчерашниот ден, било извршено алкотестирање, при што бил утврден еден промил алкохол во крв.
Инаку, вчера, група граѓани протестираа пред основниот суд во Струга, барајќи ослободување на приведениот сограѓанин. Од полицијата информираат дека протестот бил мирен, а насобраните граѓани брзо се разотишле. Оттаму уште појаснуваат дека осомничениот за палењето на македонското знаме не е притворен, односно ќе се брани од слобода.