Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „ Узурпација на недвижности“ СВР Охрид поднесе кривична пријава против 50- годишен охриѓанец.
Во периодот од 9-ти јули до 16-ти август минатата година, пријавениот со намера за владение без било каков правен основ, кај една од плажите на крајбрежјето завзел туѓа недвижност, односно имот сопственост на Република Македонија во вкупна површина од 5082 метри квадратни. Просторот го оградил и без одобрение за поставување на урбана опрема издадено од градоначалникот, поставил три покриени шанкови со разни димензии, три летни тераси, една кружна дрвена настрешница, една метална платформа и метална осматрачница, повеќе дрвени конструкции со хоризонтални и вертикални греди како и камени огради во должина од 180 метри.
Пријавениот како избран закупец-концесионер на државното земјиште на кое била лоцирана плажата, во дадените рокови не ја платил утврдената закупнина од 457.380 денари и покрај тоа што во текот на декември минатата година бил писмено предупреден од општина Охрид.
При инспекциските надзори извршени во јули и август минатата година извршени од градежната инспекција при локалната самоуправа, како и од Државниот пазарен инспекторат – Одделение за инспекциски надзор-Охрид во содејство со полициски службеници на СВР Охрид, пријавениот бил затекнат дека неовластено го владее и користи државно земјиште кај плажата и на истото врши угостителска и туристичка дејност, без за тоа да има правен основ и без за истото да плати соодветен надоместок во корист на локалната самоуправа за користење под закуп на ова државно земјиште.
OhridNews