Поради постоење на основи на сомнение за сторени осум кражби и една тешка кражба, СВР Охрид, поднесе кривична пријава против М.Г.(22) од Битола.

Пријавениот, деветте кражби ги извршил во периодот од 11-ти до 18-ти минатиот месец во централното градско подрачје, во неколку апартмани и плажи во Охрид, со што се стекнал со противправна имотна корист од околу 200.000 денари.

На 13-ти Јули оваа година, М.Г. во центарот на Охрид, со рака истргал златен накит, кој жителка на Охрид го имала околу вратот. Тој, застанувајќи ја на плоштадот „Св.Климент Охридски“  ја запрашал каде се наоѓа патот за тврдините и го искористил моментот кога таа почнала да му објаснува, со рака го откинал златниот ланец на кој имало уште два златни приврзоци. Во згодна прилика, на истото место, пријавениот од тезга одзел две најлонски кеси полни со наочари.

Низ оставена отклучена врата, М.Г. влегол во соба во апартмански комплекс на улицата „Страшо Пинџур“, и одзел пари, дигитална камера марка „Олимпија“  и мобилен телефон на допир марка „ЛГ“.  Веднаш потоа,  низ оставена отклучена врата, влегол во стан на улицата „Јане Сандански“, од каде покрај пари, одзел и поголема количина различен накит.

Од плажите „Куба либре“ и „Славија“, користејќи невнимание на туристите, и моменти кога туристите се капеле во езерото, пријавениот М.Г. од Битола, извршил кражба на повеќе паричници со различна сума пари, мобилни телефони и други вредни предмети.

OhridNews