Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „тешка телесна повреда во обид“ СВР Охрид поднесе кривична пријава против 36- годишен охриѓанец кој на 23-ти ноември, во угостителски објект, со неколку убоди со нож во пределот на десната препона и левата надколеница му нанесе телесни повреди на лице од Охрид.
Настанот се случил околу 23 часот кога во угостителскиот објект пристигнал охриѓанецот во друштво со неговиот брат и уште неколку пријатели. Забележувајќи го неговото доаѓање, пријавениот кој се наоѓал во објектот, веднаш пристапил до нивната маса и веднаш почнал вербална расправија навредувајќи го со мноштво погрдни зборови. Во моментот реагирале дел од присутните на масата кои го замолиле пријавениот да престане со навредите и да го напушти објектот.
За кратко ситуацијата се смирила по што сега пријавениот се упатил кон излезот на угостителскиот објект. Во следниот момент тој се вратил назад, продолжил со навредите и се втурнал кон лицето по што настанала турканица во која двајцата паднале на подот. Тогаш пријавениот извадил нож на преклопување со сечиво од 9 сантиметри и успеал на, сега повредениот, да му нанесе неколку убоди во пределот на десната препона и левата надколеница.
На местото на настанот извршен е увид, фотографирање и подигање на ножот кој заедно со други предмети се испратени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.
OhridNews