Како што соопшти полицијата, пријавениот, во домот на негов роднина, во 2 пластични буриња, сокрил 17 килограми опојна дрога Марихуана која претходно ја набавил со цел натамошна продажба на наркозависници од Охрид, Струга но и од поширокиот регион.
– Станува збор за чиста високо-квалитетна дрога спакована во 19 полиетиленски и најлонски опаковки облепени со кафеави самолепливи ленти, чија вредност нарко пазарот се проценува на околу 20 илјади евра. Истата пријавениот имал намера да ја продава во охридско-струшкиот регион, изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
По претходно добиена судска наредба, вчера бил извршен претрес во домот на А.У. од Охрид, каде во една од собите на вториот кат, била пронајдена дрогата сокриена во две пластични сини буриња затворени со метални затворачи и прекриени со алишта и друга покуќнина.
Според сопственикот на куќата, собата ја користел односно му била изнајмена на неговиот роднина – пријавениот А.К. за кого СВР Охрид веќе подолго време располагал со оперативни податоци за негова инволвираност во нарко-криминалитетот.