Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело „Несовесно работење во службата“ СВР Охрид поднесе кривична пријава против 65- годишно лице од охридското село Велгошти.

Пријавената, во својство на службено лице-советник за првостепена управна постапка во Одделението за првостепена управна постапка-Охрид во Управата за имотно правни работи при Министерството за финансии, со пропуштање на должен надзор или на друг начин со очигледно несовесно постапување во вршењето на своите овластувања и должности,   овозможила  исчезнување на 52 поднесени барања за приватизација.

Станува збор за предмети  кои, во периодот  од 2005 до 2012 година,  пријавената уредно ги имала примено со интерни доставни книги, а кои заклучно до 26-ти март минатата година до нејзиното заминување во пензија  записнички не ги предала и со истите не се раздолжила.

На ваков начин  на подносителите на овие 52 барања за приватизација им била предизвикана  штета од  нивно дополнително реконструирање  и обновување  на предметите со нова писмена документација, но и  штета со  пролонгирање  на временскиот период за нивно решавање.