Поради постоење основано сомнение дека се сторители на кривично дело „ Тешки дела против општата сигурност„, Полициската станица од Струга, поднесе кривична пријава против стружаните Ц.В. роден 1980 година, К.М. роден 1979 година и Г.Ј. роден 1981 година.
Трите лица, косопственици на летниот шанк во комплексот Пливалиште, биле приведени синоќа и лишени од слобода.
Од извршениот увид на местото на несреќата од страна на експерти од Крим-техника при МВР-РМ, вештак по механотехника и балистика, вештак по електроинжинерство, советник за оружје и експлозивни материи, вештак од Електро-техничкиот факултет при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј„ како и доктори специјалисти по Судска медицина од Институтот за судска медицина и Клиничката болница од Битола, констатирано е нестручно и непрописно изведување на електро-инсталацијата на објектот, односно на електричниот кабел кој од контролното броило водел до светилката-фенер на централниот дел од платформата.
Поради тоа, дошло до електричен спој кој струјата ја пренел до металната конструкција на платформата и држачите на скалите што е причина за смртта на трите лица.
Според информациите од СВР- Охрид, во саботата околу 14 часот, еден од сега починатите, се упатил кон езерото во близина на шанкот и платформата. Одкако тој не се вратил, кон истото место се упатиле и другите двајца. Според обдукцискиот извештај, смртта настанала од електричен удар.
Шанкот во комплексот Пливалиште, работел без соодветна документација, односно бил нелегален угостителски објект. Првиот пријавен Ц.В. во сопственото признание, кажал дека лично тој ја поставил електричната инсталација односно го поврзал електричниот кабел од контролното броило до светилката каде всушност се случил електричниот спој.