Измина една година од преземањето на мандатот на актуелната локална власт. Многу ветувања, многу очекувања, никаква реализација. Ако по утрото денот се познава, промените нема да донесат светла иднина за охриѓани, рече на денешната прес конференција претседателката на ОО СДСМ Охрид Кристина Крлеска Деспотоска.
Зад нас останува година на многу протоколарни средби. Никаква реализација на ветените проекти за развој на градот и подобро живеење за сите. Во недостиг на проекти ВМРО ДПМНЕ и градоначалникот Пецаков го направија она што најдобро знаат да го прават: манипулација, популизам и евтина пропаганда. Затоа и отчетноста на Пецаков беше далеку од очите на охриѓани, далеку од оние кои му ја дадоа довербата. Оваа локална власт не работи за граѓаните и не одговара пред граѓаните. Одговара само пред својот лидер – Мицкоски. Да го потсетиме Пецаков дека е избран од народот, вели Крлеска Деспотоска.
Во продолжение потсети на дел од проектите што ги ветил Пецаков во неговата изборна програма меѓу нив две катни гаражи, партерно уредување на плоштадите Крушевска Република и Св. Климент Охридски, адреналински парк, градски систем за велосипеди, велосипедската патека Охрид-Св. Стефан, потрнцирајќи дека сеуште се очекува денот кога ќе завршат градежните активности на булевар „Македонски Просветители” кои според според ветувањето на Пецаков требаше да завршат на 1-ви јуни. Сосема е неизвесна и реконструкцијата на улица „Гоце Делчев” за чија реализација Пецаков затекна готов проект со обезбедени средства од Владата, вели Крлеска Деспотоска.
Ако Градоначалникот не може да реализира готови проекти, можеме ли да очекуваме да реализира сопствен проект? И тоа што беше направено Пецаков дозволи да се уништи. Граѓаните беа сведоци на пропаѓањето и уништувањето на една од најубавите улици во Охрид, улицата „АСНОМ”. Наместо ослободување на „Кеј Македонија“ од сите неадекватни содржини, граѓаните ова лето беа сведоци на контролиран хаос и панаѓур со сите нишани во строгиот центар на градот. Вети развивање на зелена агенда со зголемување на зелените појаси во општината. Даде збор дека за секое исечено дрво ќе бидат засадени 5 нови дрва во рок од 5 дена. Поминаа 365 дена, додава Крлеска Деспотоска.
Во ветувањата на Пецаков ги истакна и патеките за слепи, беспатен јавен превоз за лица со посебни потреби и бесплатни линии на јавен превоз за сите пензионери во одредени денови од неделата, поквалитетна вода за пиење.
Мнозинството во Советот на предлог на Градоначалникот носеше одлуки со кои во Буџетот ги скрати безмалку сите средства предвидени за капитални инвестиции. Факт е дека јавните претпријатија или најголем број од нив се во незавидна финансиска состојба. Апсолутно е неоправдано да се примаат нови вработени, а да се зголемуваат цените на услугите. Се заложуваше и ветуваше борба против дивоградбите и почитување на препораките за зачувување на статусот на УНЕСКО. Дали повеќе нема диви градби или можеби нема правосилни и извршни решенија за отстарнување на бесправно изградени објекти, или можеби УНЕСКО повеќе не претставува приоритет за Градоначалникот.

Локалната власт во најголем дел од првата година од својот мандат времето го потроши во прозивки и неосновани обвинувања на адреса на претходната локална власт однесувајќи се како опозиција, а останатиот дел од својот мандат во прозивки кон Владата криејќи ја својата неспособност. Измина година во знакот на манифестации, фестивали и протоколарни средби, манипулација и популизам. Граѓаните го очекуваат реализирањето на ветеното. Нека не биде ќе направам, да направат!, додаде Крлеска Деспотоска.
Н.С.Ј.













