Изминаа 6 месеци од владеењето на Кирил Пецаков со Охрид, па така нашиот ни Градоначалник не може да се пофали со ништо што е сработeно во корист на граѓаните и неговите охриѓани. Изгубени 6 месеци за охриѓани, кои луѓето ги поминаа во исчекување на ветените проекти од Пецаков и ДПМНЕ, вели портпаролот на ОО СДСМ Охрид  Јован Крлев.

Каде Ви е ветеното, Господине Пецаков? Во Вашите интервјуа кажавте дека први на листата за реализација ќе бидат тоооолку најавуваната велосипедска патека Охрид – Св. Стефан, реконструкција на плоштадот Крушевска Република, катна гаража за која толку гласни бевте, мултифункционални спортски игралишта кои ги најавувате кажувајќи дека најмладите се Вашиот приоритет, спортска сала во училиштето во с. Лескоец, нов парк и проширување на зелена зона на потегот од споменикот на “Ден Долард” до каналот Студенчишта. И со кој проект започнавте Вие досега? Со ниту еден !, вели Крлев.

Лесно е да се сликате со проекти за кои на документ за нивна реализација Ваш потпис никаде нема. И она што милувате да си го припишите како Ваш проект, булеварот Мак. Просветители, е проект кој се финансира и имплементира од министерство за Транспорт и врски и Владата, а Општината се јавува само како корисник на проектот. Без тронка образ кажавте дека Општината ќе партиципирала со 50 милиони денари, за воља на вистината бандерите ги купивте и неколку шахти со јавните претпријатија дислоциравте! Ама народот сака да го види она што го ветивте !!!!!!, додава Крлев.

Во време кога некои ги испраќате на 70 %, Вие важно вработивте повеќе од 50 нови лица во Јавните претпријатија и во Општината, а на вработените во образование упорно им го кочите процесот за трансформација на работниот однос на неопределено, тоа се луѓе на кои законски им следува таа трансформација! Па си се договоривте вие во кујната од ДПМНЕ исто така да си скратите средства од буџетот за 2022 во делот капитални инвестиции наместо да ги скратите непродуктивните трошоци, вели Крлев.

Додава дека голем удар за младите е кратењето на средствата за стипендии на ученици за повеќе од 3.000.000 денари во споредба со претходната година, но и дека се забележува и непостапување по закон кој предвидува отстранување на бесправно изградените објекти за што пак, вели, имаат предвидено средства од 5.000.000 денари во буџетот на Општина Охрид.

Што имплеметиравте од препораките за задржување на статусот во УНЕСКО? Зборувавте во кампања дека плажите не се решени затоа што претходната локална е неспособна и незаинтересирана. Епа ајде господине Пецаков, решете ги плажите! Дали сте свесен дека со Вашите непромислени изјави од типот плажите се неуредени и слично, правите антиреклама на градот, нанесувате штета на туризмот, додава Крлев.

Потенцира дека Охрид бил преплавен од странски туристи и кога немало шанкови на плажите и дека Охрид е многу повеќе од кафани и шанкови, односно Охрид е светско природно и културно богатство, додавајќи дека изминува седмиот месец од владеењето на Пецаков и потребни се дела, а не зборови.

OhridNews