Загрижувачкото повлекување на Охридското Езеро, се должи на низа фактори, но најмногу на човечката негрижа и лошата стратегија за управување со водните ресурси на најголемото природно езеро во овој дел од Европа, кое деновиве се спушти 3 сантиметри под долната граница утврдена како природен минимум, смета пензионираниот професор д-р.Здравко Крстановски.

Најголема грешка е направена шеесеттите години oд минатиот век кога Езерото постана акумулација за производство на електрична енергија, без да се води сметка за неговото значење од сите аспекти за опстанок на живиот свет во него, како што е пресекувањето на патот на јагулите до морето. – вели во јавното обраќање лимнологот проф. д-р Крстановски.

Тој истакнува дека до ден денес не е решен проблемот со нерегуларниот истек на езерските води преку Црн Дрим за функционирање на хидроцентралите “Глобочица” и “Шпилје” и останатите во Р. Албанија, иако тие постојано се во мирување поради хаварии.

Не се почитува  режимот на користење на езерските води од наведените хидроцентрали во текот на годината. Имено, истите, согласно студијата од 1978 г. во текот на годината се должни, режимско-плански, да користат само 65 см воден столб. – посочува д-р Крстановски.

Зголеменото користење на водните ресурси на Охридското Езеро предизвикува осцилации кои, пак, предизвикуваат сериозни последици по живиот свет во езерото, изумирање на ендемичните видови, посебно во литоралот, салитизација – уништување на црковниот живопис околу Езерото, како и нарушување на стабилноста на изградените објекти околу Езерото поради слегнување на почвата.

OhridNews