Светиот крст во водите на езерото ќе се фрла околу 10 часот и 30 минути од бродот Галеб.

Тој за настанот ќе биде искористен без палење на неговите мотори, поради забраната за пловење на охридските бродови. Како што изјавија од Здружението на граѓани Богојавление, одобрение за користење на бродот Галеб на Водици е добиено од Министерството за транспорт и врски и охридската Капетанија.

Од Богојавление велат дека до денес пријавени се 350 кандидати за фаќање на светиот крст, но се очекува во текот на последните два дена бројката да се искачи над 1. 000. Пријавени се и две женски екипи.


Традиционално, среќниот фаќач на крстот, од страна на здружението ќе биде даруван со сребрен крст со позлата тежок над еден килограм.

По вадење на крстот од водите на езерото, ќе следи масовното крштевање за кое досега има пријавено 12 заинтересирани кандидати.

Во рамки на музичкиот хепенинг, кој ќе трае до 12 часот, ќе настапат Сузана Спасовска и неколку охридски музички групи.
Се очекува настанот да го проследат околу 30. 000 луѓе, а има најава дека ќе присуствува и претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, како и претставници од дипломатскиот кор во земјава.

На Денот на рибарите, ќе се фрлаат девет буриња со вино. Осум ќе бидат со бело, а едно со црвено. За оној кој ќе го фати бурето со црвено вино ќе следи и награда од 10. 000 денари. Ќе се вари и рибна чорба, а по 17 години повторно ќе биден фрлен влак во езерото.

Т. К.