Жителите од Долна Влашка Маала ја продолжија традицијата на капење во езерските води за празникот Богојавление-Водици. Годинава прославата пред ресторанот Тино доби на масовност, но се потенцира и духовниот момент со тоа што парохискиот свештеник во црквата „Свети Никола“, отец Сашо Ристески, ја освети водата и го фрлаше светиот крст во езерото.

– По правило е секоја парохиска црква да си фрла свој крст, но кај нас има една централна и прекрасна манифестација и прослава, затоа ние го фрламе крстот подоцна. Решивме да ја обновиме традицијата, бидејќи порано тука се фрлал крстот. А и минатите години, повеќе од триесет луѓе се капеа за здравје. За да не биде само капење, пиење топла ракија, целта е да има и еден духовен момент, бидејќи во центарот треба да е духовното, па потоа се останато, вели Отец Сашо.

Најсреќен меѓу капачите беше Теодор Фармак, кој прв стигна до светиот крст.

– Сум скокал по крстот и претходно, но сега ми е навистина драго што го фатив во наша маала. Да им поможи денот на сите, мене годинава ми даде синче, Господ да им даде се што е најубаво на сите, изјави фаќачот на крстот, Тео Фармак.

Традиционално, неизоставен дел од одбележувањето на празникот беа топлата ракија и пачата, во чие подготвување и делење учествуваа и гости од други градови, кои децении наназад доаѓаат токму во Охрид со своите пријатели да го поминат празникот.

– Доаѓаме од 2000 година. Тука се нашите пријатели кои од година во година се се побројни. Даваме и топла ракија за здравје во неколку ресторани во Охрид. И во Кавадарци се слави празникот, но тука ни е најубаво, вели Сузана Мукаетова од Кавадарци.

На денешното славење пред ресторанот Тино Македонија-во мало. Гости и од Битола, Ресен, Тетово.

– Пријателите ми кажаа дека тука се собираат, мојот сопруг многу ги почитува празниците, а воедно и се капи за Водици. Од пред 4 години редовно доаѓаме и се дружиме, луѓето се прекрасни, вели Јулијана Стефаноска.

Фаќачот на крстот од црквата за подарок доби икона со Богојавление и дрвено крсте. Како што потенцираат од црквата најважен е духовниот момент, а не скапоцените подароци.

Т.Кувенџиска