И покрај тоа што Министерството за труд и социјална политика пропиша мерки за заштита на работниците кои работат на отворено на екстремно високите температури и препорача истите да не се изложуваат на физички активности во периодот од 11 до 17 часот, тие не се почитуваат. Иако температурата на сонце вчера се искачи над 40-от степен, речиси насекадсе во државата каде во тек се градежни активности на јавни површини и објекти, се работеше. Исклучок не се ниту државните институции и локалните самоуправи, кои брзајќи да ги завршат започнатите проекти, заборавија на препораките од Министерството за труд и социјална политика. 

Во Охрид вчера продолжи изградбата на кружниот тек на булеварот „Туристичка“ и се асфалтираше под жешкото јулско сонце.


Кружниот тек се асфалтира на +40
Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, упати апел до локалните самоуправи да им сугерираат на компаниите што им ги изведуваат проектите да ја намалат својата активност во периодот од 11 до 17 часот.
– Ја разбирам потребата и на граѓаните да добијат нови улици и крстосници, меѓутоа треба да се има предвид дека елементарно човеково право е  на секој работник да му се обезбедат нормални услови за работа. Моментно во надворешни услови нема елементарни услови за работа во период од 11 до 17 часот  и  ќе продолжиме да го спроведуваме законот  без  разлика кој е работодавачот и на каков проект се работи, предупреди министерот за труд и социјална политика. 
Министерството за труд и социјална политика, односно Државниот инспкеторат за труд веќе изрече 25 решенија за забрана за вршење дејност на фирми што не ги почитувале препораките да не ангажираат работници на терен во период кога се највисоки температурите и е најголемо зрачењето.
OhridNews