Активностите за изградба на двете кружни крстосници на булеварот „Туристичка“ во Охрид ќе започнат откако ќе завршат сите законски процедури околу реализација на тендерот, кој ќе биде распишан наскоро.
Од охридската Локална самоуправа информираат дека согласно годишната Програма за уредување на градежно земјиште веќе била изготвена комплетна проектна документација за двете вкрстувања.
-Планирано е да се изгради кружна крстосница на вкрстувањето на булеварот со улицата „Бистрица“ и на раскрсницата со улица „Македонски Просветители“, кај Охридска банка. Градежните активности за изградбата ќе се реализираат со средства од Светска Банка, а секој момент чекаме да го распишеме тендерот за изведба, велат од Секторот за комунални дејности, сообраќај и улици при општина Охрид.
Оттаму додаваат дека активностите за изградба на кружните текови ќе ги релизираат етапно.
-Најверојатно прво ќе се изгради кружнитот тек кај улица „Бистрица“. Сеуште не можеме да ја прецизираме динамиката по која ќе се одвива изградбата и временските рокови за изведба, бидејќи истите зависат пред се од целокупната тендерска постапка, појаснуваат одговорните за комунални дејности во општината.
Тие се надеваат дека доколку се тече според предвиденото, кружните крстосници би можеле да бидат во функција до крајот на годинава.
Охриѓани очекуваат новите кружни текови да ја зголемат безбедноста во сообраќајот на булеварот „Туристичка“ и да го олеснат протокот на моторни возила и пешаци.
Е.М