Минатата година, после Виница, Крушево и Штип, општина Охрид се наоѓаше на четврттото место во однос на исполнувањето на планот за крводарителство.
– Задоволни сме од одзивот на граѓаните и порастот на крвни единици кои ги собираме. Минатата година со над 60% го надминавме планот за Охрид. Тенденција ни е и понатаму да го зголемуваме бројот, вели секретарот на општинскиот Црвен крст, Антонио Додевски.
Од републичкиот Црвен крст истакнуваат дека крводарителството во Македонија е во подем.
– Минатата година постигнати се најдобри резултати во последните 20 години. Беа собрани вкупно 56.846 единици крв, а беа планирани 55. 000, кои би ги задоволиле потребите на здравствените институции во земјава во текот на годината, истакнува Глигор Новачевски, стручен соработник од Црвениот крст на Република Македонија.
За 2011 година предвидено е да се организираат 1. 070 крводарителски акции низ земјава. Ќе се организираат и голем број едукативни работилници, семинари и кампањи се со цел свеста кај граѓаните за дарување на оваа скапоцена течност да се издигне на уште повисоко ниво.