Цели три дена слави семејството Балазоски од Охрид, кои се добитници на куќата на Водно од наградната игра на весникот „Шпиц“. Осуммесечниот Мартин е добитникот на куќата, но за него играл дедо му Љубомир Мартиноски, таткото на Билјана Балазоска.
Сега кога добија ново живеалиште, велат Балазоски, можат да побараат вработување во Скопје и да се преселат во новата куќа. Возбудени од среќа се’ уште не можат да поверуваат дека тие се среќните добитници.
За наградата прва дознала Билјана од пријателка, која и честитала за новата куќа.
– Кога слушнав од пријателката, мислев дека е некоја шега и не можев да поверувам, но отпосле, кога почнаа да ни се јавуваат роднини и пријатели за да ни честитаат, ги поканивме сите да ги почестиме. Веќе три дена сме со гости кои сакаат со нас да ја споделат среќата – вели Билјана, мајката на Мартин. Деновите на славење продолжуваат и денеска, кога ќе допатуваат во Скопје за да се уверат во тоа што се’ уште не можат да го поверуваат.
Мартин, Билјана и Ѓоко Балазовски живеат со Бошко и Јорда, родителите на Ѓоко. Двајцата сопружници се невработени, а пензиите на родителите им се единствен приход. Билјана е апсолвент на Факултетот за туризам во Охрид и се надева дека добиената награда ќе им овозможи заедно со сопругот своето работно место да го бараат во Скопје.