Куба Либре: Владата да ја преиспита одлуката за плажите и да направи дистинкција помеѓу тие што почитуваат и не почитуваат закони - OhridNews

Куба Либре: Владата да ја преиспита одлуката за плажите и да направи дистинкција помеѓу тие што почитуваат и не почитуваат закони

Повод: Уредбата на Владата концесионерите да ги вратат плажите во првобитна состојба

Во време кога целиот свет се бори против пандемијата од коронавирус, која предизвикува страотни економски последици и кога сите сили и напори се насочени да се зачуваат работните места, особено во туристичко-угостителскиот сектор кој е најпогоден од кризата, преку субвенции и разни други поволности како за давателите на услугите, така и за туристите за да ги мотивираат да дојдат кај нив, ние ќе ги рушиме плажите.

Плажата Куба Либре е изградена и уредена  по проект изготвен од државата и не отстапува ниту еден сантиметар од истиот. Од Ајван Плажа, Охрид доби репрезентативен угостителски објект, место каде доаѓаат да уживаат не само Охриѓани и туристите, туку и многу музичари, уметници и познати личности од целиот свет.

Заклучно со 2019та година Куба Либре ги има подмирено сите обврски по основ на концесии, на наше инсистирање, а во државната каса секоја година се уплаќаат  шестцифрени суми во евра за даноци. Напоменуваме, уште еднаш, за да нема никакви дилеми во јавноста, дека се платени сите концесии, односно за секоја година од кога постои Куба Либре и по тој основ не должи ниту денар. Во време на здравствена и економска криза, Куба Либре не отпушти ниту еден од триесетте вработени на кои редовно им се исплаќаа плати и придонеси и во периодот кога угостителските објекти не смееја да работат.

Покрај ова, во сезона се ангажираат и дополнителен број работници како и неброени музичари и други уметници за кои уредно се плаќаат сите трошоци и обврски, како кон државата, така и кон општината. Направени и веќе завршени се дополнителни инвестиции за претстојната сезона, како и долгорочни набавки и договори за ангажман на персонал.

Во Куба Либре се вложени огромни средства, но и многу енергија и љубов за овој комплекс да изгледа како што изгледа. Отворено прашуваме, кому му одговара ваквото сценарио и тоа во услови на вонредна состојба и здравствена и економска криза, а кое длабоко веруваме дека покрај директната засегнатост на дел од угостителскиот сектор, ќе има и сериозни негативни последици врз целокупниот туризам во Охрид.

Не може да се поистоветуваат уредени плажи изградени по проект одобрен од државата и класични дивоградби на делови од крајбрежјето на Охридското Езеро, каде системот со години не може да воспостави владеење на правото.

Очекуваме Владата да ја преиспита и коригира донесената одлука имаќи ги предвид  реалните сосојби при што треба да се направи јасна динстикција помеѓу проблемите кои ги загрозуваат универзалните вредности на Охридскиот регион заштитен од УНЕСКО и тие кои работат согласно законите и прописите и претставуваат додадена вредност на туризмот и понудата на градот.

Тешко е да се направи успешна туристичка приказна, а многу е лесно да се врати Ајван Плажа.

Плажа Куба Либре

*Ставовите објавени во рубриката Писма-Колумни се гледиште на авторите и редакцијата на OhridNews не сноси одоговорност за содржината на истите

 

 

© Ohridnews.com. All rights reserved.
The content of this article, should not be printed, copied or published in any way, without permission by  Ohridnews.com