Агенцијата за храна и ветеринарство поведе прекршочна постапка против сопственикот на овчарските кучиња од кичевското село Бачишта, кои нападнаа и усмртија четиригодишно дете.

– Врз основа на извршениот увид на лице место од страна официјалниот ветеринар и овластеното ветеринарно друштво, преземени се сите мерки пропишани со ветеринарната легислатива. Извршен е клинички преглед на кучињата и истите се ставени во изолација и под официјален надзор за следење на евентуална појава на симптоми на болеста беснило. Кучињата кои го придружувале стадото овци не биле ниту вакцинирани против оваа болест ниту идентификувани со микрочип, што е задолжителна обврска за сопствениците на кучиња, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во наредните две седмици додека се под официјален надзор, ќе се следат кучињата и нивната здравствената состојба, со цел да се исклучи постоење на симптомите на болеста беснило. По истекот на рокот за изолација и официјалниот надзор, официјалниот ветеринар од Агенцијата за храна и ветеринарство зависно од утврдената состојба ќе ги преземе понатамошните мерки утврдени со законите од областа на ветеринарното законодавство.

OhridNews