Културно уметничкото друштво „Охриѓанка” од Охрид, учествуваше на 63-тиот Интернационален фолклорен фестивал ,,Минтурно 2017” во Минтурно- Италија.

Покрај македонскиот фолклорен ансамбл, на фестивалот зедоа учество и ансамбли од Мексико, Молдавија, Чиле, како и повеќе танцови ансамбли од Италија. Се одржаа повеќе настапи во различни италијански градови, како Бусо, Минтурно, Наполи и други помали места во регионот.

– Настапот на нашиот ансамбл предизвика аплаузи и овации и бевме топло пречекани и поздравени од бројната италијанска публика. Беше особено задоволство да се настапи заедно со професионални ансамбли од Мексико и Чиле, како и самата можност директно да се запознаат луѓе со различни култури и нации и да се има дружба со нив. Особена чест ни беше укажана и со приемот од страна на градоначалникот на Минтурно и претседателот на фестивалот, Џовани Полидоро. Од страна на претседателот на фестивалот ни беа врачени благодарници и плакети за учество, изјави уметничкиот директор на „Охриѓанка“, Александар Петрески.

Со оваа турнеја, културно уметничкото друштво ,,Охриѓанка” го продолжува континуитетот од бројни настапи за негување и успешна презентација на националното фолклорно богатство.

OhridNews