Милан Поп Стефанија – ученик во втора година во охридската Гимназија, неодамна во Стразбур доби награда од Советот на Европа за успешно презентирање на поновото македонско културно наследство.


Милан Поп Стефанија

Поп Стефанија на Меѓународниот конкурс за фотографии на тема културно наследство (архитектура на 20 век) испратил стотина фотографии меѓу кои и таа на која е претставена куќата на Бошњакови. Токму оваа фотографија му донесе награда во конкуренција на голем број млади на возраст од 10-20 години од 40 европски држави.


наградената фотографија

 – Имаше известување на огласната табла во Гимназијата за распишаниот конкурс од Советот на Европа на кој се пријавив во консултација со мојата професорка по историја на уметност Кети Слатинова, раскажува Милан. Неговите фотографии биле проследени до охридскиот Завод и Музеј, од каде биле испратени во Скопје каде била извршена дополнителна селекција. Токму неговата фотографија како и еден мотив од сакрален објект на двајца ученици од Струмица ја претставуваа Македонија на патувачката изложба која мина 40 држави.


Фотографијата на Милан ја обиколи Европа

-Со фотографија се занимавам три години и навистина ми е драго што токму јас ја добив оваа награда, вели Поп Стефанија. Тој додава дека признанието од Советот на Европа претставува поттик за него и натаму да продолжи да се занимава со неговото омилено хоби. Поп Стефанија е особено задоволен и  поради позитивните реакции за фотографијата која во изминатите месеци заедно со другите наградени дела пропатува низ Европа.


Доделувањето на наградата во Стразбур

-Коментарите беа мошне позитивни до тоа дека Македонија има убава архитектура, вели Поп Стефанија. За разлика од неговите врсници од Струмица, тој имаше прилика да отпатува во Стразбур и да ја подигне наградата. Во тоа како што ни кажа му помогнале Министерството за култура, градоначалникот на Охрид, Ротари клубот-Охрид и фирмата „Ремис“.

Г. Момироски