„Нашиот регион располага со богато културно наследство, со голем диверзитет на изразување и единство на различностите. Овие карактеристики се голем потенцијал за развој на нашите релации но, ние мораме уште поефикасно да соработуваме и со клучните партнери во регионалните процеси.“-истакна министрката за култура на Република Македонија, Елизабета Канческа Милеска, на отворањето на на министерската конференција на „Советот на министри за култура на Југоисточна Европа (КОМОКОСЕЕ) – Јакнење на културата во функција на развојот“, што денеска започна во Охрид.

-За нас е исклучително важно да ги користиме искуствата на Советот на Европа за рехабилитационите проекти во областа на културното наследство, насоките на УНЕСКО формулирани во конвенциите за движното и недвижното наследство, помошта од Европската унија материјализирана преку европската финансиски поддршка од Инструментот за претпристапна помош (ИПА). Со други зборови, сите ние заеднички мораме да проектираме долгорочен менаџмент во областите од наш заеднички интерес како што се – заедничка одговорност за културното наследство, силна регионална соработка, користење на меѓународната помош и поддршка и сл.-рече Канческа Милеска.

Таа додаде дека идните планови несомнено треба да бидат насочени кон збогатувањето на активностите на постоечките регионални центри, меѓу кои и Регионалниот центар за дигитализација на културното наследство во Скопје, но приоритет во иднина треба да биде и отворањето на нови регионални центри од различни области кои ќе овозможат заедничко креирање на квалитетна високо развојна културна политика. 

-Наша долгорочна мисија секако треба да биде и развивањето и подигањето на нивото на општата интелектуална култура во нашата средина, како неопходен предуслов за секој вид општествен напредок. Ние мораме на секој можен начин, заедно со медиумите да влијаеме на образованието и перцепцијата на младите за вистинските вредности, за поттикнување на нивната креативност која понатаму ќе влијае врз развојот на креативните индустрии но, и сите други сегменти од општественото делување. -истакна министерката за култура.

Дводневната конференција во Охрид е во организација на Министерството за култура кое е претседавач со Советот на министри за култура на Југоисточна Европа (КОМОКОСЕЕ). На собирот во Охрид учествуваат министрите за култура на Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Молдавија, Србија и Црна Гора, заменик-министерот за култура од Бугарија, голем број експерти, претставници на УНЕСКО, како и претставници на Секретаријатот на Регионалниот совет за соработка. 

На конференцијата присуствува генералниот директор на УНЕСКО Ирина Бокова. Таа во своето обраќање ја посочи улогата на културата во општеството и процесите во државите.

-На политичките лидери во земјите од Југоисточна Европа треба да им се помогне да ја разберат моќта на културата како индустрија која овозможува работни места и доведува до економски раст.-посочи Бокова.

Овој значаен настан претставува прва регионална министерска средба која што го потврдува спојувањето на платформата на КОМОКОСЕЕ со платформата за регионална соработка на УНЕСКО во областа на културното наследство. Спојувањето на двете платформи ќе придонесе за подобрување на менаџментот во областа на културата и на културното наследство; заеднички пристап за зголемување на продуктивноста во трошењето на расположивите фондови; промовирање на креативноста и диверзитетот на културните изрази како средства за одржлив развој; натамошен развој на образованието од областа на културата и уметноста, развој на креативните индустрии, а особено дизајнот, филмот и аудиовизуелните уметности, како и натамошно зајакнување на прекуграничните активности меѓу државите во регионот, истакнуваат од македонското министерство за култура.

OhridNews