– Станува збор за една благородна иницијатива со која ќе се остави вечен спомен за годините во кои се фрлал крстот, потенцираа од “Богојавление”.
Како што истакнува Чифлиганец, неговата желба е спомен обележјето да го донира за градот, граѓаните, верниците и гостите, како траен белег во Охрид, каде се одвива и најмасовната прослава на Водици во овој дел од православниот свет.
– Овој споменик треба да потсетува на вековната традиција, што со посебна духовност и пиетет се негува на Охридското Езеро, стои во писменото обраќање на Чифлиганец до охриѓани.
Како локација на која би се поставило спомен обележјето, годинешниот кум на манифестацијата го предлага крајбрежниот дел во центарот на Охрид, кај пристаништето, каде со децении се одвива и самата манифестација Водици.
-Тука, во текот на целата година има најголема фрекфенција на граѓани кои се шетаат на кејот, и туристи кои патуваат со бродовите, и најчесто се фотографираат за спомен од Охрид. Спомен обележјето за Водици посакувам да стане нов атрактивен момент во уникатната охридска слика, што низ фотографските и видео записите, гостите ќе ја носат со себе низ светот. Моја желба е споменикот да е во дух и склад со симболиката на празнувањето на Водици во Охрид, почитувајќи ги верските аспекти и црковни канони, кој со големината, материјалот на изработка и уметничкиот израз, ќе соодветствува со просторот – пишува меѓу другото во писмото.
Иницијативата е веќе испратена до сите надлежни институции. Доколку од нивна страна се одобри ќе следи распишување на конкурс за идејно решение и изработка на спомен обележјето.