Ракометарите на Металург се првите патници во финалето од Купот на Македонија кој се одржува во охридската арена „Билјанини Извори“. Избраниците на Лино Червар во полуфиналниот натпревар со 30-28 (19-16) го совладаа составот на Вардар Јуниор.
„Металурзите“ со 4-1 серија во финишот од првиот дел обезбедија предност од три погодоци на полувремето (19-16).
Како што го завршија првиот дел ракометарите на Металург го започнаа и вториот и со нова серија овој пат 5-1 го решија победникот.
Червар го изротира составот и шанса им даде на сите ракометари кои ги имаше во ростерот, а пак тоа го искористи Вардар Јуниор да го ублажи поразот.
Филип Талески со осум погодоци беше најпрецизен во составот на Металург, а два помалку реализираше Никола Костески.
Противник на Металург во финалето ќе биде подобриот од вториот полуфинален натпревар меѓу Охрид и Вардар кој ќе започне во 20 часот.
Фото: Емилио
Мх.П.