Охрид Лихнидос и Шкендија Арачиново се пласираа во полуфиналето на фудбалскиот Куп на Македонија.

Лидерот во второлигашката конкуренција Охрид Лихнидос по подобро изведување на пенали го елиминираше минатогодишниот освојувач на пехарот Вардар.

Охрид Лихнидос го елиминираше бранителот на трофејот Вардар. Фото: ФФМ.

Победникот беше решен по подобро изведување на ударите од 11 метри откако по 90 минути игра резултатот беше 1:1.

Вардар поведе со погодокот на Бобан Николов во 60. минута од натпреварот, а Давид Матески во последните моменти успеа да го совлада противничкиот голман и да го израмни резултатот.

Клучниот момент во пенал серијата беше интервенцијата на гостинскиот голман Дамјан Серафимов кој успеа да го одбрани ударот на Димитар Данев, а победничкиот пенал за Охриѓани го реализираше Дарко Илиески.

Дамјан Серафимов јунак на натпреварот со Вардар. Фото: ФФМ.

Во вториот четвртфинален дуел што се одигра денеска уште една победа на член на Втората македонска лига.

Шкендија Арачиново која беше домаќин во Куманово го совлада Работнички со 3:1.

Серијата голови ја отвори Дарио Десниќ во 40. минута. По точно еден час игра Николче Шаркоски зголеми на 2:0. Во 64. минута Бесир Демири го постигна единствениот гол за Работнички, а конечните 3:1 ги постави Зани Назифи во 85. минута.

Утре во Кратово, Детонит Плачковица е домаќин на Силекс додека дуелот меѓу Струга Трим Лум и Шкендија Тетово ќе се одигра на 18 март.

OhridNews
Извор: ФФМ