Актуелниот освојувач на трофејот од Купот на Македонија, Вардар закажа меч со Металург во финалето откако го совлада Охрид во полуфиналето со 29-21 (14-12).


Охридските „гладијатори“ скапо ја продадоа кожата во „Билјанини Извори“ и го „испотија“ четвртфиналистот во Лигата на Шампиони.

Долго време во првиот дел домаќините беа рамноправен противник, а „црвено црните“ дури во финишот го скшрија отпорот и на одмор заминаа со плус два погодоци (14-12).

Во вториот дел „вардаровите“ ракометари отворија со 3-0 за предност од пет погодоци (17-12), но и охриѓани возвратија со иста мера за (17-14).

До 48-та минута разликата на семафарот не варираше премногу кога Вардар направи серија од 3-0 за 23-18.


Со агресивна одбрана Вардар го спроведе мечот во рутинска завршница (29-21) и обезбеди натпревар за одбрана на титулата.

Печенковски со осум голови беше најпрецизен во охридскиот состав, по три реализираа Трифуноски и Вражалица, по два пати мрежата ја погодија Андоновски, Павловиќ и Кежиќ, а една Тасески.

Финалето меѓу лутите градски ривали Вардар и Металург се игра в сабота во 17:30 часот.

Фото: Емилио
Мх.П.