Без победник (1-1) заврши градската пресметка во Тетово помеѓу Шкендија – Ренова, додека Пелистер обезбеди минимална предност (2-1) со победата над Академија Пандев во првите полуфинални мечеви во Купот на Македонија.

„Гипсарите“ не само што го издржаа налетот на „црвено црните“, туку успеаја да извлечат реми со постигнат погодок во гости. Реваншот кој исто така ќе се одигра во Тетово составот предводен од Влатко Костов на клупата ќе го започне со гол предност. 

Битолските „зелено бели“ со пресврт го совладаа тимот на Академија Пандев и се наоѓаат на чекор од меч за одбрана на титулата освоена минатата сезона. Струмичани поведоа со голот на Јани Атанасов во 31-та минута. Водството гостите го чуваа до 61-та минута кога Борче Маневски ја погоди мрежата за 1-1. Во финишот Ристе Илијовски погоди за 2-1 и го комплетираше пресвртот.

Реванш мечевите во 1/2 финалето се следниот месец.

Фото: Гол.мк
OhridNews