Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола во соработка со веслачкиот клуб „Горица Ремо“ од Охрид, за своите студенти организираше еднодневен почетен курс за веслање.

Професорот Климент Наумов од Факултетот за туризам и угостителство од Охрид, како активен член во веслачкиот клуб, ги упати студентите со историјата на овој спорт и со неговата застапеност. Се одржа и демонстрација на веслање со помош на посебни симулатори – ергометри како запознавање дека има натпреварувања во веслање и во сала. Потоа, со асистенција од членови на Веслачкиот клуб „Горица Ремо“ од Охрид и со нивна опрема, студентите се потрудија наученото да го применат во водите на Охридското Езеро, информираат од Универзитетот.

Задоволството од спортското доживување и забавното дружење меѓу студентите и професороте од УКЛО го обогати прекрасниот летен ден и одличните временски услови за одржување на двата настани. Успешната летна рекреација се очекува да прерасне во традиција и да заземе посебно место во спортската понуда што УКЛО им ја нуди на актуелните и идни студенти, додаваат од Универзитетот.
OhridNews
фото. УКЛО











