Австрискиот канцелар Себастијан Курц доби засилено обезбедување поради смртните закани што ги добил по одлуката за затворање седум џамии и протерување имами, финансирани од странство и поврзани со радикалниот ислам. Курц преку социјалните мрежи добил отворени закани за убиство во коментари на објави, но и во приватни пораки на „Фејсбук“.

„Подготви се да умреш“, односно „Дали сакаш да започнеш војна“, се некои се заканите, но имало и антисемитски пораки бидејќи Курц се наоѓа во посета на Израел, како што се: „Ти си ционист“. „Ти си убиец“. „Ти не си христијанин, туку беден Евреин“. „Ти си слуга на масоните“. „Те мразиме“. „Ќе бидеш само искористен, а потоа ќе завршиш во кутија“.

Федералната канцеларија за заштита на уставноста и борбата против тероризмот започна истрага против испраќањето на заканувачките пораки. Обезбедувањето на канцеларот е засилено и отсега па натаму станот на Курц постојано го обезбедува елитната единица „Кобра“.

Во Виена се претпоставува дека зад заканите стојат турски кругови имајќи предвид дека турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган му се закани на Курц во својот неодамнешен говор и побара од Германија да го вразуми австрискиот канцелар.

„Може да има војна меѓу муслиманите и христијаните и вие ќе ја сносите одговорноста за тоа“, му порача Ердоган на Курц.

OhridNews

Макфакс