Барањата на работниците се релевантни и оправдани и секогаш работникот треба да си го добие својот дел на одработеното, вели директорот на ЈП „Комунално“- Струга, каде дел од вработените вчера организираа штрајк барајќи да им се исплатат задоцнетите плати почнувајќи од 2009 година.

Директорот Петко Кутаноски нагласува дека по најавувањето на штрајкот, со цел да се најде излез од состојбата, од негова страна на разговор биле повикани претставници од синдикатот чии барања биле исплата на 11 плати, од кои девет од минатите години и две од последниот период и систематизација.


– Мој став е дека од изминатите години не станува збор за девет неисплатени плати, туку осум половинки од плати . Во 2009 година кога јас дојдов како директор во претпријатието го затекнав со 9 неисплатени плати. Со синдикатот и вработените се договоривме, поради сините картони, да поделиме исплата на тие плати линеарно по 6000 денари и придонесите. Иако имаше и такви искази на вработените дека би се откажале од тие плати само од денот кога дојдов да земаат редовно, јас не се согласив, вели директорот Кутаноски кој нагласува дека првично било договорено исплатата на остатокот од разликата на овие плати, претпријатието да ги исплати доколку стане кондиционо и финансиски добро.

– Во меѓувреме вработените ја тужеја фирмата и со извршни решенија ја блокираа сметката со оглед дека се работи за сума од над 12 000 000 денари. Овој износ е невозможно да се исплати одеднаш и секако тој што ги изманипулира вработените сега треба и да им каже дека дел од нивните плати наместо за нив, претпријатието ќе мора да ги плати за адвокатски и трошоци за извршители, вели Кутаноски.

За доцнењето на платите од оваа година, директорот потенцира дека нивната исплата доцни како резултат на средствата исцрпени од сметката по основ на извршни решенија од доверители од пред 2009 година. – И покрај тоа, писмено се обврзав дека барањето е прифатено и двете плати заклучно 30 мај ќе им бидат исплатени на вработените, вели Кутаноски.

Во однос на систематизацијата, директорот тврди дека тоа што синдикатот ги манипулира вработените за враќањето на старата систематизација е нереално,  бидејќи никогаш потоа нема да може претпријатието да обезбеди плати во висина од 18 000 денари.

При тоа, Кутаноски нагласува дека во присуство на струшкиот градоначалник, од страна на претседателот на синдикатот, било кажано дека не се за спогодба додека не се промени актуелниот директор.

– Промена на директор во никој случај не е синдикално барање и е нелегално и надвор од сите и синдикални и работни норми. Синдикатот со мене, како директор, никогаш немал проблем, ниту се потпишале, а не се реализирале договори и ветувања. Се до сега што сме договориле било максимум исполнето, нагласува Кутаноски.

OhridNews