На денешната прес конференција во општинската СДСМ уште еднаш потсетија на периодот додека се вршеше реконструкција на дел од општата болница, како што беше кажано, период од три години кога пациентите во Охрид останаа без основните болнички услуги во секундарната здравствена заштита.
– По сета таа голгота што ја доживеаја пациентите од Охрид, повторно промашување – се почувствува голем недостиг од лекари и останат медицински персонал. Здравствените работници гинеа од работа, само поради несовесното и нестручното планирање и димензионирање на кадровските ресурси на болницата. При хитен случај, операција или интервенција, се чекаше анестезиолог да дојде од Струга, или медицинска сестра да пристигне од друго одделение или пациентот се испраќаше сам да си ги земе анализите од крвната слика. Здравјето на секој човек му е најбитно, без оглед на неговата партиска определба, но за ДПМНЕ најбитно е да се објават конкурси и да се прими медицински персонал пред избори. Да се постават послушни партиски војници на раководни и истурени места во болницата, без оглед на нивната стручност, вештина и авторитет, рече Александар Кузески од ОО на СДСМ..
Тој обвини дека болничките установи се претворени во месни комитети, каде што директорот, заменик директорот или финансискиот раководител формираат штаб, издаваат налози за партиски активности и преку раководителите на одделенија и главните сестри, секојдневно спроведуваат мобинг врз вработените.
– Голем партиски притисок се врши врз сите здравствени работници и врз администрацијата, посебно врз неодамна вработените, помладите и волонтерите. Од нив и понатаму се бараат списоци со гласачи и нивните телефонски броеви. Никогаш, значи никогаш здравствените работници не били толку понижени, омаловажени и малтретирани. Од друга страна, надлежните лица во сферата на здравството од ДПМНЕ никако да ги објаснат многу сомнителните и чудни работи што се случуваат во последно време по останатите здравствени установи. Затоа јавноста бара јасни и прецизни одговори за следните прашања: болницата „Св. Еразмо“ беше спомната како една од болниците што требаше да изврши набавка на апаратура од Визарис, а до ден денес здравствените работници таму не добија одговор дали е извршено авансно плаќање, затоа што апаратурата се’ уште ја нема; дали најавуваната реконструкција на оваа болница и најавеното преселување на интервентниот дел од Кардиолошкиот завод таму, ќе доведе до уништување и пустење на уште една елитна здравствена установа и создавање на уште едно сениште по примерот на Специјалната детска болница; дали намерата да се исели, распарчи и растури Кардиолошкиот завод всушност не претставува партиски финансиски договор за да може приватна здравствена установа, многу блиска до власта на ДПМНЕ, да си го лапне на готово за ич пари делот за рехабилитација на пациентите, праша Кузески.
Тој побара одговор и на прашањата: дали сеуште постои и се спроведува приватно нелегално издавање на санитарни книшки за пари, кога ќе почнат да се реализираат инвестициите од 60 милиони денари за медицинска опрема и мебел во здравствените установи, најавувани во изборната програма на ДПМНЕ за минатите локални избори и зошто кога се вработувале нови лекари, се примале само општи лекари, исклучиво по партиски клуч, синови и ќерки на партиски активисти на ДПМНЕ од лекарската фела, наместо да бидат примени луѓе кои веќе биле на специјализација.
OhridNews