Од општинската СДСМ обвинуваат дека со отворени закани за санкции кои се вршат од страна на општинското партиско раководство на ВМРО-ДПМНЕ кон вработените во јавната администрација, вработените се приморани до своите претпоставени да носат списоци, како што велат, со „сигурни“ гласачи.

– ДПМНЕ од болниците, училиштата, градинките и општината направи свои партиски штабови каде се сее страв меѓу вработените. Заканите и притисоците кон вработените се јасни – или со сила ќе најдете и ќе донесете гласови за ДПМНЕ, или мислете му ја за вашето работно место. Достоинството на овие луѓе е спаднато на најниско можно ниво, но стравот кај нив од губење на работното место, најчесто поради нерешениот работен статус, е поголем од чувството за гордост и одважност. Тоа им го прави ДПМНЕ и на сопствените членови и симпатизери, рече на денешната прес конференција портпаролот на ОО на СДСМ, Александар Кузески.

Тој додаде дека на сите им е јасно дека тие луѓе, што се натерани да влегуваат по домовите на своите роднини, соседи, пријатели и познаници, не го прават тоа затоа што сакаат, туку затоа што се приморани и уценети од страна на партиското раководство на ДПМНЕ.

– Почитувани сограѓани, немојте да се чудите доколку на роденден, слава, визита или едноставно – на кафе – Ви се појават на врата новопримени наставници, професори, негователки, лекари, медицински сестри или службеници од локалната самоуправа или од јавните претпријатија, кои прв пат ви влегуваат дома. И тие, кои не по нивна вина се приморани тоа да го чинат, и Вие, кои не по Ваша вина сте приморани да ги слушате – сте свесни дека „со сила убајна не бидува“. Од ваквото крајно неетичко и непрофесионално однесување трпи и градот Охрид кој поради престојните избори како да е буквално закочен, рече Кузески.
   
Кузески упати критика до комуналната хигена во градот, проектите за осветлување,за кои рече дека во суштина се само редовно менување сијалици, дека се застанати.

OhridNews