Од општинската СДСМ обвинуваат дека поради незаконско делување на одредени државни институции во текот на последните неколку месеци се врши обесправување на дел од жителите во општина Охрид.
 
– Она што се случува во манастирскиот комплекс „Св. Наум“, со насилното отстранување на времените објекти, со едностраното укинување на стекнатите права на жителите од село Љубаништа, со бесправната сеча на дрвјата и со незаконската изградба и поставување на нови градежни и времени објекти, е само резултат на несовесното, недомаќинско и, пред се‘, незаконско работење на државните институции на ДПМНЕ, рече на денешната прес конференција портпаролот на ОО на СДСМ, Александар Кузески.

Кузески додаде дека Комисијата за денационализација во три наврати, во спротивност со законските одредби од Законот за денационализација, и ја одзела сопственоста на Република Македонија на над 3 илјади хектари земјиште, што е дел од Националниот парк Галичица.

– Тоа е спротивно на одредбите од Законот за денационализација, каде што во член 7 меѓу другото стои дека предмет на денационализација не се природни реткости определени со закон, како и член 10 од истиот закон во кој се вели дека не се враќа во сопственост, а се дава надомест за имот кој со одземањето станал добро во општа употреба, каков што е туристичкиот комплекс Свети Наум. Националниот парк Галичица претставува токму такво јавно добро, заштитено со закон, чии граници се утврдени со посебни законски прописи, изјави портпаролот на ОО на СДСМ.

Од партијата потенцираат дека наведените решенија биле чувани во тајност, поради што било оневозможено правно да се заштити имотот на државата.

– Дел од истото земјиште сега е предмет на препирки и расправии помеѓу црквата и власта, затоа што е опфатено во т.н. развојна туристичка зона, што треба да му биде дадена на белосветскиот измамник од индиско потекло на кого му е забрането да ја напушта сопствената држава – уште една авантура на власта, со несогледиви тешки последици и штети кон сопствената земја и сопствениот народ, рече Кузески.
  
Од СДСМ сметаат дека негативно е што ингеренциите на локалната власт, односно на Советот на Општина Охрид, во врска со овие прашања законски се целосно се ограничени или укинати од страна на централната власт, што значи дека се‘ она што се случува во манастрискиот комплекс Св. Наум е без знаење и согласност од жителите на Општина Охрид.

– Нема валиден детален урбанистички план, нема план за урбана опрема, нема согласности и одобренија за градба, нема одобренија за сеча на дрвјата, нема решение за отстранување на времени објекти, нема плаќање данок за високите приходи од кирија за објектите. Наместо сами да одлучуваат за својата судбина, селективното и неуставно спроведување на законите од страна на ДПМНЕ ги стави жителите од Општина Охрид, а пред се‘ од с. Љубаништа, во пониска, подредена положба, како граѓани од некоја подолна класа, или каста, доколку се користи националната терминологија од Субрата Рој – големиот пријател на власта од ДПМНЕ, велат од ОО на СДСМ.

OhridNews