Младите во Република Македонија најсилно ги почувствуваа погубните политики на актуелната власт. Според Светска Банка, невработеноста кај младите во нашата држава изнесува повеќе од 53% што не прави неславни рекордери во регионот и во Европа. Загрижувачки е и фактот што голем процент од невработените млади луѓе во државата се невработени повеќе од една година, што дополнително ги намалува шансите за нивно вработување. Како резултат на сето ова, во изминатите неколку години преку 600.000 првенствено млади луѓе ја напуштиле Македонија, а големо мнозинство од младите се изјаснуваат дека сакаат да заминат од државата. Ова на пес конференција денеска го истакна секретарот на ОО СДСМ Охрид Александар Кузески.

Тој посочи дека Охрид е рекордер во иселувањето, само во последните 10 години се иселени повеќе од 7.500 луѓе од кои најголем дел се млади, додавајќи дека СДСМ нуди ПЛАН ЗА ЖИВОТ ВО МАКЕДОНИЈА.

„Преку проектот “Гаранција за млади” секој млад човек ќе добие понуда за вработување, можност да го продолжи образованието, да добие пракса или тренинг за подготовка за вработување, во период од 4 месеци по завршување на школувањето, пред стекнувањето статус на невработен.
Ќе ги поддржиме со финансиски средства проектите кои ја зголемуваат свесноста на младите за недостаток од одредени занимања и квалификации и за нивната важност.
Ќе отвориме бизнис центри за вработување на младите. Ќе се врши избор на најдобри бизнис планови на млади лица што ќе добиваат грант од 10.000 евра, како и поддршка во бизнис центар. Во бизнис центрите ќе се добива правна, економска, претприемничка, сметководствена подршка, како и простории со опрема за канцелариско функционирање, со цел да се зголемат можностите за успех и развој на бизнисот на младите.

Во центарот на образованието ќе бидат младите. Обврска на наставниците ќе биде посветено да работат со младите на развивање на нивните таленти, затоа наставниците ќе бидат ослободени од електронските и административни обврски.“ –  рече Кузески.

OhridNews