Да се превземат сите соодветни мерки за пронаоѓање на сторителите кои ги предизвикаа последните инциденти во струшко- ова беше побарано од страна на учесниците на синоќа одржаниот состанок на Советодавната група граѓани од селото Лабуништа, што се одржа во огранизација на СВР Охрид, а по повод актуелните настани и безбедносната состојба во струшко.

На средбата која поминала во позитивна атмосфера од страна на присутните било искажано задоволство од досегашните превземени мерки од страна на полициските служби и била потенцирана потребата проблемите да се решаваат по пат на меѓусебен дијалог.

На неа покрај претставници на СВР Охрид, присуствуваа и претставници од црковните и џамиски одбори од Лабуништа и Боровец, советници од Лабуништа во советот на општината Струга, претставници на ОБСЕ,  невладини организации и заинтересирани граѓани.

Целта на одржаната средба е да се придонесе за враќање на меѓусебната доверба, определбата за соработка и издигнување на повиско ниво на севкупната безбедносна состојба во Лабуништа и пошироко, зачувување на мирот, односно елиминирање на сите облици и форми на нарушување на јавниот ред и мир и други облици на асоцијално и насилно однесување.

Како што информираат од СВР Охрид се размислува во иднина да се интензивираат ваквите средби, при што е предвидено да се одржат и во Струга и Вевчани.

OhridNews