Браќата Климент и Михаил Ѓорѓиоски, и двајцата ученици во ОМУ „Методи Патче“, отсега ќе можат да го усовршуваат музичкиот талент на домашното пијано, што преку интернационален проект го обезбеди лајанс клубот „Лихнидос“ – Охрид.


Имено, во септември во престолнината на Италија, се одржа хуманитарен концерт, што го организираа лајонсите од Рим и ЛК „Лихнидос“, на кој настапи познатата музичка уметничка од Охрид Емилија Маринова. Средствата собрани од хуманитарниот концерт во Рим ЛК „Лихнидос“ ги намени за купување пијано кое го донираше на младите музички таленти Климент и Михаил.

-На овој начин сакаме да им помогнеме на талентираните млади уметници кои немаат доволно средства да обезбедат инструмент, кој е неопходен за нивно понатамошно усовршување, истакнаа од ЛК „Лихнидос“.


Членовите на ЛК „Лихнидос“, Емилија Маринова и Зоран Тунтев

Климент има 11 години и веќе три години го посетува основното  музичко училиште, отсек пијано. Тој е победник на Третиот државен натпревар за млади музичари. Четири години помалиот брат Михаил оди по неговите стапки.


Им се исполни сонот на браќата Климент и Михаил

Семејството Ѓорѓиоски е пресреќно, што благодарение на хуманиот гест на лајансите од „Лихнидос“ Климент и Михаил ќе можат да го продоллжат музичкото образование.

-Го добивме инструментот кога ни беше најпотребно.Нашите деца никогаш не ќе го заборават овој гест на луѓето кои им помогнаа. Воедно претставува добар пример за нив, во иднина, и тие да помогнат на некои други талентирани деца. Кога Климент и Михаил ќе ги имаат своите први концерти, средствата ќе ги донираат за деца кои немаат можност да поседуваат музички инструмент. Ова нека биде апел до сите хумани луѓе, во иднина, да помогнат на талентираните деца да ги остварат своите соништа. Без нив, и моите деца, нема да ги оствареа своите соништа.-велат од семејството Ѓорѓиоски.


Климент и Михаил неизмерно му се израдуваа на пијаното и веднаш го испробаа. Сега имаат каде да го увежбуваат стекнатото знаење во музичкото училиште, а којзнае, можеби еден ден ќе ги видиме на концерт на „Охридско лето“ и во светски познатите концертни сали.

О.Т./Г.М.