– Двете години работење на клубот ги одбележа плодна активност, бројни акции и значајни работи кои му се случија на градот. Вклучени бевме во проекти од областа на екологијата, за помош на хендикепирани луѓе, социјални случаи, а она со што особено се гордееме е подршката на млади таленти и уметници, истакна претседателот на клубот, д- р Диел Аголи. Особено значаен проект за клубот е реафирмирање на идејата за основање професионален театар во градот, за конечно истата да биде реализирана на почетокот од оваа година.
– Наша цел е во наредниот период, како клуб да созрееме со оглед дека сме млади во лајонизмот. Постојано имаме нови члленови и нови сили и отворени сме за се што е ново и што ќе придонесе кон подобра иднина на нашите сограѓани, вели Аголи.
Во рамки на вечерашниот културен хепенинг, со кој лајонс клубот „Лихнидос“ го одбележа вториот роденден, присуствуваа претставници на сродните клубови и здруженија, од локалната самоуправа и институции, како и јавни личности. Во име на членството, претседателот на клубот д-р Аголи на заслужни поединци им врачи благодарници за придонес во општественото делување.